БРЗО ПОЈАЧУВАЊЕ НА СЛАБИ ДРУШТВА ВО ПРОЛЕТ
На слабото друштво кое запоседнува 3-4 рамки со легло и околу 5 улици покриени со пчели му се додава една правилно изградена рамка до леглото. После 3-4 дена бидејќи е веќе залегната од матицата, рамката откако ќе бидат отстранети сите пчели се става во јакото друштво а воедно од него се вади празна рамка без пчели и се става во слабото друство. На рамката од слабото друштво го запишуваме датумот. Празната рамка ја попрскуваме со послаб шеќерен раствор. После 3-4 дена откако и оваа рамка ќе биде залегната од матицата ја ставаме во јакото друштво нормално без пчели и повторно го запишуваме датумот. Оваа постапка ја повторуваме 4-5 пати. Истовремено и во двете друштва додаваме рамки со сотни основи поради проширување на леглото и внесување нектар.
После истекот на стадиумот отворено легло односно кога леглото ќе биде затворено што се гледа од евиденцијата во дневникот и од датумот на сатоносецот , рамките се враќаат по ред во слабото друштво. Рамките се враќаат без пчели. Со оваа постапка јакото друштво не трпи никаква загуба, напротив се зголемува приливот на нектар и се појавува нагонот за поголемо излачување на восок. Воедно се спречува и нагонот за роење. Слабото друштво сега е доведено во нормала и е спремно да ја дочека главната паша.
Кога сакаме да појачаме две средни друштва тогаш од едното земаме една рамка со затворено легло без пчели и ја ставаме во другото. После 4-5 дена истото го повторуваме со уште една рамка. Потоа се постапува како и во претходниот случај со јако и слабо друштво.
Ако после изимувањето излеземе само со слаби друштва што ретко се случува постапуваме на следниов начин:
Едното друштво секои 5-7 дена го појачуваме со по една рамка зрело легло без пчели на сметка на другото друштво. На местото на одземените рамки не додаваме други рамки како во претходните два случаи се додека не остане само една рамка со легло и една рамка со мед. Ова се прави за да се добие едно јако друство а другото колку да се сочува матицата. Вака е многу подобро отколку една матица да се ликвидира и двете друштва да се спојат. На слабото друштво сега можеме да му додадеме една рамка со сотна основа. Покасно откако ќе се развие јакото друштво се применува системот од горенаведените примери.
На овој начин добиваме јако друштво кое е спремно за идните паши и нормално друство кое само ќе обезбеди мед за зимница а во некои случаи ќе има и мед за цедење.
ЗАБРЗАНО ГРАДЕЊЕ СОТНИ ОСНОВИ
Над плодиштето се става матична решетка па уште едно празно плодиште. Од долното плодиште во кое е и леглото се вади рамка со легло на кое е матицата и се префрла во горното плодиште. Откако сме го сториле тоа сега од двете страни на рамката со легло и матица поставуваме подеднакво рамки со сотни основи. Кога ќе приметиме легло на една од новите рамки, старата рамка со легло ја враќаме во долното плодисте а во горното додаваме рамка со сотна основа но ќе гледаме да не го раздвоиме гнездото. Матицата цело време е во горното плодиште во спротивното нема никаков ефект. Мора да се напомене дека за цело време на изградбата на саќето, во природата треба да има богато пасиште.
РАЗМНОЖУВАЊЕ НА ПЧЕЛНИ ДРУШТВА
- Од јаките пчелни друштва одземаме по 1-2 рамки со легло во сите стадиуми на развој заедно со пчели. Притоа внимаваме да не ја пренесеме и матицата и ги ставаме во однапред припремени сандаци. Секое новоформирано друштво мора да добие најмалку по три рамки легло и две рамки со мед и полен. После 10-12 часа додаваме спарена матица или зрел матичњак. На местото на одземените рамки од јаките друства ставаме рамки со сотни основи. Оваа метода се применува најчесто после главната паша со цел да се спречи нагонот за роење. Ако ги размножуваме пчелните друштва покасно или кон средината на јули тогаш секое новоформирано друштво треба да добие најмалку 4 рамки со легло и пчели и две рамки со мед и полен. Во наредните десетина дена новоформираните друштва треба да се прихрануваат секоја вечер со 0,3 л. шекерен сируп или секоја втора вечер со 0,5 - 0,6 л. шеќерен сируп.
- Од основното друштво ја одземаме матицата заедно со рамката на која е најдена и пчелите и ја ставаме во однапред припремен сандак. Од левата и десната страна ставаме рамки со сотни основи и на крај по една рамка со мед и полен кои ги земаме исто така од основното друштво. Останатите рамки со легло ги распоредуваме во два сандаци (отприлика по три рамки). Во овие новоформирани друштва додаваме по две рамки со мед и полен кои ги одземаме од сандаците на пчеларникот кои имаат повеќе мед. Сандакот во кој се наоѓа матицата го враќаме на старото место. Сите стари пчели ќе се вратат во овој сандак и за брзо време ќе ги изградат сотните основи за да и направат место на матицата за полагање јајца. Новоформираните друштва ги поставуваме на нови места на пчеларникот и после 10 - 12 часа или наредниот ден додаваме спарена матица или зрел матичњак. Сите три друштва, во наредните 10 дена ги прихрануваме со шеќерен сируп.
- Пелетов начина на размножување. Со овој начина на размножување воопшто не се губи снагата на основното друштво.
Кога пчелната заедница е доволно развиена, се преместува една рамка на која е матицата во празен спрат и се поставива на подницата на истото место . Празниот простор се исполнува со празни изградени рамки или со рамки во кои сме вградиле сотни основи. Над ова спратче ставаме матична решетка. Над матичната решетка го ставаме празното медиште ( со рамки) и над него старото плодиште со сите рамки и плус една рамка со изграден сот на местото на одземената рамка. На ова горно спратче ќе отвориме лето. После 24 часа во горното плодиште ставаме зрел матичњак. Кога ќе излезе матицата ќе се оплоди низ летото што го отворивме.
За три недели сето легло од старата матица ќе излезе. Новото легло од новата матица ќе биде додатна снага на друштвото. Откако поголемиот број на рамки во горното спратче ќе бодат занесени со легло, можеме ова спратче да го преместиме на ново место на пчеларникот. Поголем број на пчели излетнички ќе се вратат на старото место така да основната заедница воопшто нема да изгуби на снага.
Со овој начин на размножување сме го сузбиле нагонот за роење бидејки старата матица има доволно простор за несење а бидејќи сите пчели се цело време во сандакот и приносот на мед не сме го изгубиле. Значи ќе имаме мед за цедење а и бројот на пчелни семејства сме го зголемиле за 100%. Ако ова сме го направиле порано во пролет, можеме постапката да ја повториме уште еднаш во сезоната.
РОЕЊЕ
Спречување на нагон за роење кај сандаци ДБ
Кога ќе приметиме нагон за роење, под плодиштето се става празно полумедиште без рамки. Пчелите ќе се ангажираат на градење восочни заперки на долната страна од плодишните рамки и со запослувањето на младите пчели се сузбива нагонот за роење. Восокот од долната страна на рамките повремено се исекува и така воедно се добива висококвалитетен восок. Откако ќе престане нагонот за роење полумедиштето се отстранува и друштвото нормално продолжува со работа.
Проверка дали друштвото има добиени нагон за роење
Се исекува една лента младо саке со еднодневни ларви и се лепи на празна рамка под сатоносецот. Ако друштвото има добиено нагон за роење ќе почне да гради матичњаци (во рок од 24 часа) а ако нема тогаш ќе одгледа пчели работнички.
ПЕЛЕТОВА МЕТОДА НА РОЕЊЕ
Јас лично повеќе го применувам Пелетовиот начин на формирање ново семејство. Пчелите ми се обично зазимени на еден ЛР спрат а појаките имаат одоздола Полумедиште (фарар). Кога семејството доволно ќе се развие(полн спрат со пчели и под рамки да се бесат млади) се тргнува сандакот настрана, без подницата која останува на старото место и на него ставаме нов спрат со 9 рамки.
Ја наоѓам матицата и со се рамка ја ставам во новиот спрат (Понекогаш само матицата без рамка). Одозгора ставам Снелгрова преграда (обична поклопна со отвор од страната и да нема отвор за хранилка или истиот да биде затворен) и отворот да е од горната задна страна. Врз неа се става комплетно стариот сандак со се полумедиште (ако нема се става, може и медиште) и на местото од каде е извадена рамката со матицата се става празна рамка, може и со основа ако се додаде матица или матичњак (после 5-6 часа). Ако не додаваме матичњак самите пчели ќе направат и по една недела најкасно 10 дена пожелно е да се прегледа семејството и да се остави само еден кој ти се бендисува(обично е најголемит и да е на долната ивица).
Или доколку ви се во роев нагон ги чистите сите матичњаци освен еден и зависно од староста на матичникот по два три дена се чистат присилните матичници. После три недели се проверува дали матицата се оплодила и дали несе во кругови. Ако е се во ред може да се тргне едно од семејствата на ново место или пак да продолжиш да пчелариш со двојни семејства.
Јас оваа метода ја користам за да го избегнам роевиот нагон и да ја сменам старата матица со тоа што од долното семејство ја тргам старата матица и со помош на весник ги спојувам семејствата и Медно? п.с. Во оригиналната постапка наместо Снелгрова се користи Ханеманова решетка. Но од искуство препорачувам да се користи преграда или како на сликите најлон-мушама под решетката за да едната матица не загине.