ДБ КОШНИЦА
ДБ Кошница (Дадан-Блатовата кошница) има плодиште со една преградна даска, една поклопна даска и 12 рамки.
- Сатоносната рамка е долга 474 мм, широка 25 мм и дебела 20 мм
- Бочните летвички на рамката се долги 300 мм, широки 25 и дебели 8 мм
- Долната летвичка на рамката е долга 440 мм, широка 20 мм и дебела 10 мм
За медишта се користат полунаставци кои треба да има 2-3 за една кошница па и повеќе. Димензиите на рамката во полумедиштето е следна: сатоносната рамка е долга 474, широка 25 и дебела 20 мм. Значи сатоносната рамка во плодиштето и во полумедиштето е иста. Исто така долната летвичка на рамката и во двете сандачиња е иста, додека страничните летвички се со следниве димензии: должина 145, ширина 25 и дебелина 8 мм. Покрај медиштето и полумедиштата овој тип на сандак има и збег кој служи за современ начин на пчеларење и постигнување на големи приноси.
Во последно време многу пчелари се преориентираат на ДВ кошница со 10 рамки бидејќи пчелата во ДВ со 12 рамки во некои случаи ќе го наполни плодиштето со мед и не преоѓа во медиштето. Во сандакот со 10 рамки, пчелното семејство бргу се развива на пролет и кога ќе почне обилно да меди во природата, пчелата без никаква интервенција на пчеларот преоѓа во медиштето, Овој тип на ДВ сандак со 10 рамки се препорачува на пчелари почетници или на оние пчелари на кои пчеларењето им е хоби бидејќи е наједноставен за работа па со право пчеларите ја викаат хоби кошница,
ЛР КОШНИЦА
ЛР Кошница (Лангстрот-Рутовата кошница) има плодиште и медиште со иста димензија.
Рамките од оваа кошница се со следните димензии:
- Сатоносната рамка е долга 484 мм, широка 25 мм и дебела 20 мм
- Бочните летвички се долги 232 мм, широки во горниот дел 36 мм а во долниот 25 мм и имаат дебелина од 8 мм
- Додека долната летвичка е долга 450, широка 20 и дебела 10 мм
Како плодиште служат долните две тела додека третото е медиште. Плодиштето и медиштето се одвоени со матична решетка за матицата да не неси јајца во медиштето.
ФАРАРОВА КОШНИЦА
Фараровата кошница има плодиште од неколку плитки полунаставци (обично по 4). Во еден полунаставак има по 12 ниски рамки како во полумедиштата на ДБ кошницата. Медиштата се со исти димензии како и плодните полунаставци. Овој тип на кошница е идеален за двоматично пчеларење па затоа е се поинтересен кај професионалните пчелари. Пчелното семејство брзо се развива на пролет а и медиштата се полнат многу побрзо отколку кај другите типови на кошници.
НУКЛЕУСИ
Нуклеусите се мали кошници кои обично собираат од четири до шест рамки. Поради економичност а и полесна работа со нуклеусите пожелно е рамките да бидат со исти димензии како и рамките во плодиштата на сандаците со кои пчелариме.
Тие служат за одгледување, парење, тестирање и чување на резервни матици. Во нуклеусите може да се формира и помало пчелно друштво кое према потреба може во него и да презими.
Исто така наместо да се прават посебни нуклеуси, може на пример да се прегради плодиште од ДБ кошница на два дела и да се отворат посебни отвори за секој дел посебно. Преградата мора да е до подот за пчелите да не се мешаат меѓу себе. На пролет само се вади преградната даска и двата нуклеуси се спојуваат (нормално полошата матица ја отстрануваме).