skip navigation

Календар

Почетна / Календар
ЈАНУАРИ

ЈАНУАРИ

Пчелните друштва во овој месец, поточно во неговата втора половина, инстиктивно осеќаат потреба за обновување, па почнуваат со формирање на легло. Затоа во пчелното друштво се добиваат карактеристиkи какви што дотогаш немало.

Матицата започнува со полагање на нови јајца па животот на пчелното друштво се менува од основ. Започнува поголемо трошење на храна а посебно на полен. Бидејќи пчелите интензивно почнуваат да ја хранат матицата, да го хранат и негуваат леглото потрошувачката на храна и полен се зголемува.

Со зголемувањето на потрошувачка на храна и на забрзување на другите животни процеси во пчелното друштво, во сандачето доаѓа до појавување на водена пареа и јаглероден диоксид, па затоа вентилацијата е од посебно значење.

Ако во текот на јануари се појават повеќе топли денови тогаш се појавува легло во поголем облик што резултира со поголема потрошувачка на храна а посебно на полен кој многу се троши за исхрана на леглото, без кој нема и лачење на млеч. Затоа кај оние пчелни семејства кај кои не е оставено доволно храна при зазимувањето се појавува недостиг од храна и треба да се интервенира со погачи.

Развојот на поголемо легло во јануари не е пожелно. Ако се развие поголемо легло а во наредниот период температурите драстично се намалат пчелите не се во состојба цело да го покријат поради загревање и истото може да пропадне, меѓутоа ако температурите се константни тогаш нема од што да се плашиме.

Останати работи во јануар:

  • Секој десет дена да се врши проверка и да се гледа дали состојбата кај пчелите е нормална.
  • Во случај да пчелните семејства останат без доволно храна треба да се прихранат со погачи.
  • Треба да се спречи поголем развој на леглото од вообичаеното за овој период од годината.
  • Да се чисти полетувалката од мраз и мртви пчели ако тоа е потребно.
  • Да се извршуваат сите работи од декември, прилагодени за овој месец.
Сите овие настани покажуваат дека во овој месец треба да бидеме многу внимателни.

ФЕВРУАРИ

ФЕВРУАРИ

Во втората половина на февруари деновите се подолги а ноќите пократки. Температурните разлики помеѓу деновите а особено помеѓу денот и ноќта се големи. Со самата оваа појава кај пчелите се активира осетот дека се приближува пролетта. Матицата полага јајца во многу поголем обем него во предходниот месец а со самото тоа се зголемува и потрошувачката на храна а поготово на полен кој во ова време од годината го нема во природата или го има во многу мали количини.

Во нормални климатски услови при крајот на месецот се пристапува кон изимување на пчелните семејства и подготовка за нивен предпролетен развој.

За таа цел треба да ги исчистиме подовите од сандачињата за пчелите да не се замараат со непотребна активност , туку да се ориентираат пред се на исхрана и одгледување на леглото. Подовите наједноставно би било да ги замениме со резервни а постоечките да ги исчистиме и да ги оставиме во магацин, но ако немаме резервни тогаш ги чистиме постоечките од восочни одпадоци и мртви пчели и ако се влажни ги бришиме со сува крпа.

Треба да ја провериме резервата на храна во секое друштво и ако ја нема во доволни количини да ставиме по една погача, најдобро оплеменета.

Исто така треба да го пратиме развојот на леглото и да не дозволиме тоа да се развие во поголем облик од нормалното за овој период од годината.

Ако временските прилики дозволуваат време е да се постават поилките на десетина метри од сандаците и на сончево место.

Повремено треба да се чистат полетувалките од мраз ако го има и од мртви пчели и воедно да се прати здравствената состојба на друштвото.


МАРТ

МАРТ

Во март температурите се многу повисоки за разлика од предходниот месец а тоа многу влијае на развојот на пчелното друштво. Во овој месец цветаат некои видови на медоносни билки кои се богати со поленов прав што има големо значење во развојот на пчелното друство.

Март е многу значаен месец во развојот на пчелното друштво. Тоа што ќе се пропусти да се направи во овој месец неможе да се надокнади покасно, во однос на високиот принос на мед.

  • Да се продолжат работите кои се започнати во претходниот месец со тоа што истите се прилагодуваат према временските прилики.
  • Кај сите друштва кај кои се приметени аномалии и слабости треба да се санираат (друштво без матица,недоволно храна, мал број на пчели и друго).
  • Да се зажичат што поголем број на рамки кои ќе ги употребиме кога за тоа ќе дојде време.
  • Поилките да се активираат и да се почне со интензивна прихрана како би ја стимулирале матицата да несе што поголем број јајца. Тешко е да се одреди временски кога да почнеме со стимулативна прихрана но кога ќе расцутат кајсиите, сливите ранки, врбата, маслачакот, веќе е време да почнеме со интензивно стимулативно прихранување. Прихраната се врши на тој нацин што секоја вечер даваме по 200-300 мл. шеќерен сируп во сооднос 1:1 или секоја трета вечер по 500 до 800 мл. шеќерен сируп. Стимулативната прихрана може да се врши и со додавање на оплеменети погачи ако пчеларот не е во состојба почесто да оди ради додавање на шеќерен сируп. Но ако во сандачето има доволно мед, од крајните рамки отклопуваме мед во површина колку човечка дланка или едноставно рамките ги завртуваме за 180 степени. Прихраната се врши до оној момент додека пчелното семејство не го постигне потребниот развој или додека внесот на нектар не достигне 300 грама дневно.
  • Навремено да се проширува леглото и истото да се следи во неговиот развој за да не дојде до блокирање на матицата. Леглото го прошируваме на тој начин што ставаме една рамка со празно саке или сатна основа од едната страна на леглото а после 3-4 дена усте една од другата страна. Тоа го правиме се додека не се исполни целото плодиште и не се јави потреба за додавање на медиштето.
  • Да се контролира вентилацијата.

Во овој месец се прави првиот детален преглед на пчелното друштво и тоа:

  • Прво и основно, дали друштвото има матица и ако ја има дали е со добар квалитет. Ако друштвото нема матица а е сеуште јако тогаш додаваме матица од резерва, ако е слабо го спојуваме со појако друштво и ако е слабо го расформираме.
  • Да се одреди јачината на друштвото.
  • Дали има болест кај пчелите и кај леглото, и дали има штеточини во и околу сандачето.
  • Колку има рамки со потемнето саке кое треба да се замени.

АПРИЛ

АПРИЛ

Во април дневните температури се такви да овозможуваат масовно излегување на пчелите од сандаците. Многу од овошките и разни билки се веќе расцветани и пчелите масовно ги посетуваат па затоа дневниот прилив на нектар и полен е значително зголемен. Особено значаен е приливот на полен кој пчелите многу го трошат во овој месец заради богатото легло. Меѓутоа треба да се има во предвид дека во нашава земја кон крајот на април може да настапи дождлив период а и голем број од овошките прецутуваат и може да се случи пчелите да останат без доволен дневен прилив на нектар и полен. Заради тоа кон крајот на месецот треба да се прихрануваат пчелите со шеќерен сируп за матицата да не намали со несењето, но мора да се внимава да не дојде пчелното друштво во нагон за роење.

Во овој месец треба да ги продолжиме работите од месец март а посебно оној дел што се однесува на брзиот развој на друштвата.

Пашата може да биде доста богата во овој месец па може да се случи да се исполни целото плодиште со мед и полен па матицата да биде блокитана и да нема каде да полага јајца. Ако навреме не реагираме може да ни се случат низа несакани последици. Затоа ако кон крајот на месецот плодиштето е исполнето, пристапуваме кон проширување на просторот во кошницата со додавање на наставак или медиште. Навременото проширување на просторот во кошницата ќе ни овозмози навреме да го спречиме нагонот за роење и воедно ќе ги запослиме сите пчели работнички.

Во април обично се најповолни условите за замена на старото и поцрнето саке и изградба на ново од сотни основи. Значи под поволни услови подразбираме: јаки пчелни семејства, голем број млади пчели, богата паша со голем прилив на поленов прав и нектар. Ако нема доволно нектар истиот може да се надокнади со додавање на шеќерен сируп но полен мора да има.

Ако старото саке не е отстрането досега тоа го правиме во овој месец и додаваме рамки со сотни основи од двете страни на леглото. Во добри услови пчелите овие две рамки ќе ги изградат за 2-3 дена и матицата ке ги исполни со јајца. Ако условите не се толку добри тогаш ставаме само една рамка со сотна основа до леглото а после неколку дена додаваме уште една. На овој начин можеме на брз начин да го замениме старото саке со ново а со претопување на старото ќе добиеме восок во “погачи” кој ќе го искористиме за добивање сотни основи.

Во овој месец можеме да водиме биолошка војна со вароата а и да постигнеме поголемо производство на восок со додавање на рамка на која имаме ставено под сатоносецот лента од 1 цм. сатна основа. За брзо време пчелите ќе изградат трутовски ќелии и матицате ќе снесе јајца во нив. Кога трутовското легло ќе биде затворено, ја вадиме рамката и веднаш ја претопуваме. На овој начин а во исто време со третирање со други сретства значително се намалува вароата што овозможува нормално работење на пчелната заедница.

Посебно внимание во овој месец треба да се посвети на собирањето полен. Ако знаеме каква улога игра поленот во развојот и исхраната на едно пчелно семејство тогаш не смееме а да не го собираме. Поленот најдобро ќе го собереме со собирачи на полен кои се поставуваат на летот од сандачето. Едно пчелно друштво годишно троши околу 40 кг. полен а може да собере околу 60 кг. Ако имаме поставено собирач на полен на влезот од сандачето, пчелите внатре ќе внесат 30% полен а во собирачот ке остане 70%.

Обично на почетокот на април имаме јаки друштва, средни и поретко многу слаби па затоа треба да ги средиме и да добиеме што поголем број на јаки друства кои максимално ќе ја искористат главната паша. За да создадеме јаки друштва треба од слабите друштва да одземеме по една рамка со затворено легло без пчели и да ја додадеме на она пчелно друштво кое до главната паша ќе се развие во јако друштво. Во исклучителни ситуации ако некое друштво е многу јако и постои можност да добие нагон за роење, одземаме една рамка со легло без пчели и ја додаваме на некое друштво кое ќе се развие доволно јако за главната паша. На местото на одземените рамки се става рамка со сотна основа. Сите овие работи се прават кон крајот на месецот за пчелите да имаат време да се развијат во производни друштва до почетокот на главната паша.

Во овој месец ретко доаѓа до нагон за роење но може и тоа да се случи кај многу јаките друштва ако се исполни целиот плодишен простор па затоа мора да преземеме мерки оваа појава благовремено да ја спречиме. Нагонот за роење ќе го спречиме ако го прошириме доволно просторот во кошницата со додавање на спратчиња и ако ја отвориме максимално вентилацијата. Исто така старите матици ги замениме со млади кои се изведени од најпродуктивните пчелни семејства кои не се склони кон роење. Меѓутоа ако нагонот за роење веќе е појавен тогаш тоа сандаче го преместуваме на друго место на пчеларникот а на негово место поставуваме едно од послабите пчелни друштва. Друштвото кое добило нагон за роење ќе остане без голем број пчели излетници а слабото друштво ќе ги прими сите пчели кои ќе се вратат на староро место и со тоа ќе се појача. Со оваа постапка обично се гаси нагонот за роење.

Кон крајот на месец април може да настапат дождливи денови и пчелите да не се во можност да излегуваат на паша па затоа треба во вакви денови да вршиме прихрана со шеќерен сируп.

Прихраната ја вршиме од две причини:

  • Прво, матицата да не престане со континуирано несење јајца и да не се поремети старосната структура на пчелите до главната паша, и да не се намали количината на мед во плодиштето па кога ќе дојде главната паша пчелите да не мораат прво да го полнат плодиштето со мед па потоа да се префрлаат во медиштето.
  • Ако настани подолг дождлив период тогаш кај јаките друштва може да се јави нагон за роење па треба навреме да се додаде спратче и да се отвори вентилацијата.

МАЈ

МАЈ

Мај е најинтересниот месец за секој пчелар. Во овој месец ќе согледаме што сме успеале да направиме предходно. Бидејќи во овој месец почнува да цути багремот а и многу друѓи медоносни билки треба да сме претпазливи и навреме да интервенираме за да не изгубиме од она за кое сме се припремале и труделе во изминатиот период.

Пред се треба да ги доврѓиме работите кои сме ги започнале во изминатиот месец а пред се да се залагаме за стварање на јаки друштва.

Ако веќе имаме јаки друштва, треба да ги одржиме такви односно треба да се задржи работното расположение во истите. Тоа ќе го постигниме пред се со проширување на просторот во сандачето како основна и најважна мерка. Да се обезбеди што е можно поголема вентилација во кошницата. Летот да се отвори максимално така да пчелите несметано влегуваат и излегуваат. Во сандачето да се држат исклучиво само млади матици бидејќи тие се многу попродуктивни, а со старите матици друштвото е поподложно на роење. И на крај, да се заштитат друштвата од секаков вид на вознемирување.

Вентилацијата во сандачето мора беспрекорно да функционира бидејќи ако знаеме дека нектарот содржи околу 60% вода и пчелите таа вода треба да ја сведат до 18-20% колку што има во медот, ќе ни стане јасно каква е улогата на вентилацијата. Ако вентилацијата не функционира како што треба ќе настане гушење во сандачето од премногу водена пареа со сите нејзини штетни последици и најопасното за овој период, нагонот за роење и самото роење. Нема да наведуваме примери како да ја регулираме вентилацијата од причина што сега веќе има разни видови на подови со мрежи и збегови, па секој пчелар зависно од тоа со какви видови на сандаци пчелари треба самиот да ја регилира вентилацијата.

Не е лошо во првата декада од овој месец да го припремиме сиот алат за цедење на медот (центрифугата, приборот, садовите и т.н.).

Ако се појави дождлив период треба обавезно да вршиме прихрана на друштвата за да ги задтжиме во работно расположение.


ЈУНИ

ЈУНИ

Во јуни во поголемиод дел од нашата земја има најголем прилив на нектар па треба да се посвети посебно внимание околу работите што се врзани за максималниот прилив на мед. Исто така има и други работи кои се од посебно значење во овој месец.

Од раната паша треба да оставиме во резерва рамки кои се наполнети со поклопен мед и полен. Овие рамки ќе ги искористиме покасно на есен или во рана пролет бидејќи природниот мед и полен немаат замена во развојот на пчелното друштво.

Веќе на почетокот од овој месец има мед за цедење. Кога ќе се исцеди медот треба да се остави најмалку 48 саати за да испливаат ситните делчиња од восок. Кога ќе се отстранат сите делчиња од восок и евентуално пената ако ја има, медот го ставаме во чисти садови и добро го затвараме. Медот најдобро е да се чува на температура од 12 степени. Вака складиран медот има неограничен рок на употреба, само што после извесен период ќе кристализира, што не го намалува неговиот квалитет.

Овој месец е најпогоден и за размножување на пчелните семејства. Најдобро е пчеларот прво да произведе млади матици па потоа да пристапи кон размножување, за да не губи време новото друштво и да не заостане многу во неговиот развој.


ЈУЛИ

ЈУЛИ

Пчелната паша обично ослабнува бидејќи овој месец е најтопол во годината. Но треба да се има во предвид дека цутењето на сончогледот во овој месец е во полн ек, и ако има повеќе дождливи денови, ливадската паша е продолжена.

Значи овој месец е идеален за селење на сончогледова паша. На вакви касни паши многу ретко се појавува нагонот за роење.

Го цедиме зрелиот мед од предходната паса.

Сеуште можеме да изведуваме млади матици кои ќе ни послужат за формирање на нови роеви или нуклеуси.

Активно да се вклучиме во борба против оси и стршлени кои се доста агресивни во овој месец.

При крајот на месецот треба да почниме со прихрана на пчелните друштва заради обезбедување доволно храна за презимување, и поилките да се стално активни затоа што пчелите во овој период користат многу вода.

Исто така ако е потребно треба да се почне со превентивна прихрана за да се изведат поголем број на млади пчели кои ќе презимуваат.

Најчесто, при крајот на овој месец се врши детален преглед на пчелните друштва за да ја видиме состојбата и да почнеме да ги спремаме за презимување. Треба исто така да се посвети посебно внимание на резервата и квалитетот на храната која ќе им ја оставиме на пчелите за презимување.


АВГУСТ

АВГУСТ

Работи на пчеларникот

Припремата на пчелните друштва за зима е најважната работа на пчеларот во ова време од годината. Пчелите веќе и самите се почнати со припремата за зима па не е препорачливо непотребно вознемирување.

Квалитетната матица во друштвото секако е услов за добро презимување, не мора да е од оваа година но леглото мора да е компактно и во доволен број. Лошите матици треба да се заменат со нови а на оние семејства кои немаат матица треба да им се додаде нова од резерва и да им се појача со некоја рамка зрело легло. Да не се направи грешка, пред додавањето на матица треба да се провери дали има зрели матичњаци и ако веќе ги има можеме да ги оставиме пчелите сами да си изведат матица со тоа што треба да се појача друштвото со 1-2 рамови зрело легло.

Обезбедувањето храна за зима е втората битна работа, а следна третиранје на пчелите против вароа така да тие пчели кои ќе зимуваат бидат здрави и во полна форма. Потребно е во сандачето да се дотераат рамките во онаа состојба во која ќе зимуваат пчелите па потоа да се пристапи со прихрана ако е потребно. Јаките друштва кај ЛР сандачиња треба да се зазимат на две спратчиња а послабите на едно со тоа што да се прават комбинации со непотполни број на рамки, на пример 7 над 7, или 8 над 8 и слично. Тоа е корисно ако друштвото не е доволно јако да ги исполни двете спратчиња а исто така и ако има слаба залиха на храна презимувањето да биде успешно. Во секое сандаче треба да има најмалку 12-15 килограми храна во зависност од јачината на друштвото а не е лошо и ако има повеќе што ќе придонесе за подобро презимување и подобар развој во рана пролет. При оставање на поголема количина на храна треба да се обрне внимание да има и неколку рамки со полупразно саке каде пчелите ќе зимуваат бидејќи на рамки со мед поретко зимуваат а и при крај на зимата треба да има каде да го одгледаат и првото легло. Значи во средина ги ставаме рамките со младо саке - делумно исполнето со мед, потоа од страните по една рамка со полен и мед и на крај рамките со мед.

Третирањето против вароа најдобро е да се изврши со две различни средства за да се осигураме дека е ефикасно, со пауза од една недела помеѓу. Обавезно да се изврши проверка после првото третирање па ако тоа е успешно тогаш второто нека ни биде контролно.

Ако треба да вршиме прихрана заради дополнување на залихата со храна, тогаш треба да даваме обилни оброци во мал временски период. Треба да рачунаме дека пчелите од еден килограм шеќер ќе обезбедат еден килограм храна. Прихраната да се врши само во вечерните часови кога пчелите ќе престанат со излегување како би спречиле да не дојде до грабеж. Ако мораме да ги отвараме сандачињата тогаш тоа да го правиме или рано наутро или касно попладне.

На пчеларникот обавезно да се постави поилка со свежа вода.

Останати работи во август

Во почетокот на август сеуште можеме да собираме прополис но после овој период треба да ги оставиме пчелите да соберат за свои потреби. Старото саќе кое е за топење треба што поскоро да се претопи. Медните спратчиња исто така треба да се складираат и да се заштитат. Ако ги складираме во затворена просторија треба да се третираат против восков молец и да се заштитат од други штеточини. Исто така успешно можат да се чуваат и без третирање на следниов начин: се редат на отворено едно над друго и од долната и горната страна се заштитуваат со мрежа така да струи воздх меѓу рамките, нормално заштитени од дожд и снег.

Постољата од сандаците треба да се проверат уште еднаш и ако е потребно да се нивелираат со блага косина нанапред.


СЕПТЕМВРИ

СЕПТЕМВРИ

Работа на пчеларникот

Обавезно да се направи третирање против вароа ако до сега веке не е направено. И во случај да е друштвото третирано досега со едно средство сега е време да го видиме ефектот на другото средство. Не смее да не залаже слабото пагање на вароата, кое не значи дека сме го решиле проблемот.

Пополнувањето на храна во друштвото е важна работа која треба да се заврши во почетокот на овој месец. Како што кажавме во предходниот месец треба да даваме поголеми оброци во краток временски период. Се разбира дека најдобро е ако се обезбедат рамки со мед но ако ги немаме и преработениот шеќер ќе биде добра зимница.

Друштвата кои зимуваат на две спратчиња можат да се стеснат така да во спратчињата нема потполн број на рамки со цел клубето подобро да се сконцентрира према храната. Рамките со легло и поголеми капи од мед ги ставаме во горното спратче а оние со помалку мед во долното. Кај пчелите кои зимуваат во едно спратче како кај ДБ, рамките кои имаат помалку мед ги ставаме зад преградната даска или ги ставаме на другиот крај ако спратчето е со непотполн број на рамки.

Ако има рамки со лошо изградено саќе ги вадиме од сандачето. Исто така на оние рамки каде има мало легло ги ставаме на крај додека пчелите не излезат и потоа рамките ги вадиме или ако имаат малку мед ги оставаме на крај.

Да се има во предвид клубето да се формира така да улиците бидат добро пополнети, да има богати венци со мед од горе а од страните полни рамки со полен и мед. Рамките кои се неправилно изградени и со малку мед најдобро е да се стават на крај или во спратче под клубето и медот да се отклопува постепено за пчелите да го пренесат во близина на леглото. Ако не го отклопиме медот и тоа им го оставиме да го направат пчелите тогаш префрлањето оди многу поспоро. Оние пчелни семејства кои ќе зимуваат на две спратчиња а во горното спратче има доста мед треба да внимаваме дали пчелите ќе можат да се префрлат во него а најдобро е да префрлиме 1-2 рамки со легло од долното во горното спратче.

При работа со пчелите да се внимава да не дојде до грабеж.

Останати работи во септември

  • Медното саќе треба добро да се складира и да се обезбеди од вошков молец а тоа најдобро ќе го направиме на самиот пчеларник ако под и над спратчињата поставиме жичана мрежа така да обезбедиме струење на воздух помеѓу рамките.
  • Да се постават стапици за оси и стршлени кои се најагресивни во овој месец.
  • Да се посеат медоносни билки така да во рана пролет бидат расцутени кога им се најпотребни на пчелите за нивниот развој.

ОКТОМВРИ

ОКТОМВРИ

Работа на пчеларникот

Приоритет во овој месец ќе ни биде третирањето против вароа ако тоа не е веќе направено. Кон крајот на месецот леглото скоро и го нема па ефектот од третирањето ќе биде најголем.

Во овој месец се приметува навала на оси на пчеларниците кои пробуваат да влезат во сандаците и некаде тоа им успева поготово кај послабите семејства и кај сандаците со големи отвори. Да би се намалил нивниот број треба да се постават шишиња со засладено пиво (на пола шисе пиво едно кафено лажиче шеќер) кое ги привлекува осите. Исто така може да се стави во шишиња скиселен овошен сок, расипано пилешко месо или расипана риба.

Време е да се проверат постољата од сандаците и ако е потребно да се поправат за да не ни се преврти некое сандаче во текот на зимата. Теренот околу пчеларникот а и во самиот пчеларник треба да се исчисти од трева трња и др. за да нема каде да се кријат глувци.

Да се постават чешли на влезовите за да се спреци влегување на глувци во сандаците.

Останати работи во октомври

  • Медишните спратчиња да се складираат во магацин или на пчеларник и да се заштитат од вошков молец и други штеточини.
  • Собраниот восок да се претопи и доколку има прополис на медните рамки да се истружи пред истите да се складираат. Ако остане прополисот до наредната сезона ќе изветрее и ќе биде со слаб квалитет.
  • Сега треба да се садат медоносни растенија и дрвца околу пчеларникот или во негова близина во домет на летот на пчелите.

НОЕМВРИ

НОЕМВРИ

Од сите месеци во годината пчелите најмалку работат и имаат активности во овој месец. Сега во сандачето треба да бидат само пчели работнички и матицата. Ако има сеуште трутови во друштвото тогаш нешто не е во ред со матицата или воопшто ја нема.

Ако временските прилики се во ред тогаш во овој месец толку е спуштена температурата така да пчелното семејство веќе има формирано клубе. Така сега секоја пчела подеднакво учествува во одржување и користење на единствените животни потреби. Затоа сите работи се подесуваат за пчелите да можат да ја задржат што подолго својата животна енергија како би ја користеле што повеќе кога ќе почне развојот на првото легло.

Еве што треба да се сработи во ноември:

Во текот на месецот треба да се проверува материјалот кој е ставен за затоплување да не е навлажнет и ако е да се смени. Додека се пчелите во клубе треба да се чуваат од секаков потрес. И најмал потрес може да предизвика паѓање на пчелите на подот од косницата па бидејки надвор од клубето е многу поладно него во самото клубе пчелите неможат да се вратат и умираат.

Ако пчеларникот не е ограден треба да се огради и да се заштити од јаки ветрови. Може да се заштити од ветар така што на неколку метра од сандаците од страната каде што најчесто дува се постави трска, штици, стебла од пченка, старо платно и др.

Исто така ако малку затопли времето пчелите излегуваат на прочистување. Бидејќи во ова време од годината земјата е најчесто влажна и ладна сите пчели кои ќе паднат на земја неможат пак да полетаат и најчесто тука и умираат. Затоа треба да поставиме пред секое сандаче малку слама, даска или суви стебла од пченка за пчелите кои нема да слетаат на полетувалката и кои ќе паднат пред сандачето, можат да се вратат во истото.


ДЕКЕМВРИ

ДЕКЕМВРИ

Бидејќи во декември обично има доста врнежи од снег или дожд практично влегуваме во зимски период.

Најбитно е да се обезбеди мир на пчеларникот бидејќи ако од било каков потрес пчелите паднат од клубето тие поради студот не можат да се вратат во клубето и умираат.

Ако пчелите ја потрошат храната над клубето, поради студот не можат да се движат и да стигнат до останатата храна може да се случи и покрај обилна резервна храна која ја имаат да изумрат од глад.

Затоа кога времето го дозволува тоа треба на пчелите да им се стави погача над клубето.

Треба исто така да се провери вентилацијата во сандачето па ако има некои пропусти да се отстранат.

Ако правилно сме ги зазимиле пчелите на есен тогаш немаме некоја работа во декември на пчеларникот па сепак треба да се вршат проверки и тоа:

Ако на полетувалките има мраз или мртви пчели треба да се исчисти за пчелите слободно можат да излегуваат и влегуваат кога е убаво времето.

Во овој месец може да ги преместуваме сандаците на кратки растојанија меѓутоа многу внимателно за да не предизвикаме потрес и пчелите не паднат од клубето. Треба да се напомене дека за преместување на кратки растојанија треба пчелите да не излегувале барем 25 дена.

Овој месец е идеален за обновување на знаењето преку пчеларската литературе и планирање за следната година.

Одвреме навреме треба да се проверат пчелните друштва дали добро зимуваат. Тоа можеме да го направиме преку звукот кој доаѓа од внатресноста на сандачето. Ако зуењето е рамномерно и многу тивко тогаш со пчелното семејство се е во ред, додека ако зуењето е јако и се слуша на 1-2 метри од сандачето тогаш пчелите немаат храна, имаат проблем со вентилацијата или во сандачето има глушец. Значи било кој недостаток да го имаат пчелите мора да се реагира веднаш.