Америчка чума
Ако во разговор со пчелар или во пишан текст спомнам бактериска болест многу пчелари нема да обрнат никакво внимание но доколку место изразот бактериска болест пчеларот слушне или прочита ,,Америчка чума,, тој со голема доза на страх ќе ја дослуша информацијата, а веднаш ќе се појави асоцијација дали ја има и кај мене или во моја близина. Стравот што се појавува кај пчеларите од оваа болест е оправдан бидејќи од оваа бактериска боласт на пчелното легло може да изумрат и цели пчеларници. Се до 1906 година не е правена разлика помеѓу америчката и европската чума, меѓутоа во 1882 година Џерзон утврдил одредени разлики во ширењето на заразите во одредени друштва, тој подоцна прецизно ќе ги определи разликите и ќе воведе нов термин "Европска чума" а Америчкиот научник Вајт почнал да го користи терминот "Америчка чума".
Чума на пчелното легло
Америчката чума е заразна болест на пчелното легло која најчесто неприметно се вовлекува, одржува и шири во пчелните семејства од еден пчеларник, а чести се случаите и кога во полупречник од 3 км од изворот на зараза се заразуват и пчелни друштва од други пчеларници. На тој начин оваа болест се шири од пчеларник на пчеларник до колку не се открие и спречи штетите можат да бидат огромни. Тоа е болест на затвореното легло која се пренесува со инфицирање на пчеларската опрема и сите пчелни производи. Посебно оваа болест е опасна при селењето на пчелите од една на друга паша. Причинител на оваа болест е бактеријата Bacillus larvae. Бактеријата Bacillus larvae има два развојни облици: спори и бактерија со стапчест облик. Во облик на спора бактериите не се размножуваат а можат да издржат и повеќе од 30 години за да кога ќе настапат поволни услови да премине во друг облик и да го зарази семејството. Спорите на оваа бактерија се многу отпорни на топлота, влага, светлина и тн. односно во медот на 100 степени умираат по 30 минути, при нормална температура во медот можат да живеат и 1 година со способност да се развијат во повисокиот стадиум и да се размножат. Во алкохолниот прополисен раствор спорите можат да останат живи повеќе од 45 дена, во восокот изумираат на температура повисока од 120 степени ако се изложени повеке од 20 минути, во земјата издржуваат и 228 дена, во исушената маса на болната ларва и во сандукот остануваат живи и до 33 години. Исто така отпорни се на дезинфекциски средства. Меѓутоа во вториот облик бактеријата Bacillus larvae е со стапчест изглед во кој се размножува, осетлива е на топлина, исушување, на дезинфекциски средства и на антибиотици. Но и покрај наведеното не може да се лечи бидејќи во овој облик е само во почетокот на заразата. Во организмот на заразана ларва бактеријата влегува заедно со храната во организмот на незатворена ларва, а во ткивото преминува за време на преобразувањето од ларва во кукла и брзо се размножува. Ларвата тогаш е затворена и брзо умира.
Знаци на болеста
Пчеларите единствен начин да ја забележат болеста е кога при преглед ќе пронајдат вдлабнати капаци на пилото со темно сиви дамки искашкани од пропаднатите ларви и со мали дупчиња на капачињата од келиите кои се направени од пчелите чистачки што се обиделе да ја исчистат келијата. Исто така леглото е неправилно распоредено макар што во првата фаза има само неколку келии со загинати ларви. Ако го отстраниме поклопецот на заразената келија и со мало дрвце или чачкалица пробаме да ја извадиме ларвата таа ќе се развлече во вид на конец а ќе се појави мирис на расипана риба и туткал миризбата покасно може и да се изгуби. Ако утврдиме дека ларвата се развлачи веќе постои сомнеж дека се работи за болест. За да не се губи време потребно е веднаж да се побара помош од надлежните служби за да со сигурност се потврди нашиот сомнеж при тоа мора да се направи микроскопска анализа на загинатите ларви. Како последица на болеста друштвото ослабува бидејќи однемува млади пчели кои ќе ги заменат старите. Со што се пореметува нормалното работење на друштвото, друштвото сосем ослабува и е подложно на грабеж. Тоа сега претставува извор на зараза на пчеларникот и во полупречник на 3-4 км во блиската околина. за успешно сузбивање на америчкиот гнилец најважно е навремено откривање што може да го направи секој пчелар. Ако на пчеларникот или во блиската околина имало заболени друштва препоручливо е што почесто контролирање на пилото, додека во пчеларници каде што немало америчка чума пожелно е да се прават два детални прегледи, едниот напролет најдоцна во април, а другиот во септември.
Борба против америчката чума
Со оглед дека америчката чума е тешка заразна болест, и дека таа никогаш не престанува сама од себе, а нејзиниот причинител е многу отпорен и лесно пренослив од друштво на друштво, во лекувањето на оваа болест потребно е да се преземаат радикални меркин што подразбира уништување на изворот. Тоа подразбира угушување на пчелите, а мртвите пчели заедно со рамките, восокот и кошницата требе да се спалат и затрупаат во земја. Останатите рамки на кои нема легло потребно е да се стопат, а восокот да се подложи на температура повисока од 120 степени. Истовремено требе да се изврши дезинфекција на целокупниот прибор. Дезинфекцијата на кошницата се прави со обгорување со помош на лет лампа.